За вкусовите не би требало да се дискутира, но кога станува збор за дизајните на дресовите на клубовите ширум Европа, секогаш постојат бројни аргументи „за“ и „против“.
Порталот „Footyheadlines.com“ секој месец организира избор на најубави и најгрди дресови кои биле промовирани во изминатиот период, а овојпат неславното признание за најгрд дрес во месец август му припадна на Јувентус.
„Старата дама“ настапи на првото коло од Серија А против Удинезе со својата трета комбинација на опрема, дресови во сино-жолто-бела боја, што наиде на потсмев кај голем дел од фудбалските фанови ширум Италија.
Токму овие дресови беа избрани за најгрди од читателите на порталот, собирајќи речиси 46% од вкупните гласови. Второто место му припадна на третиот комплет на Манчестер Сити, додека третата позиција ја освои Нотингем Форест.