Раководството на англискиот фудбалски прволигаш Њукасл, кој претходно овој месец доби сопственици од Саудиска Арабија, ги повика своите навивачи да не доаѓаат на натпреварите облечени во арапски стил, бидејќи тоа би можело да ги навреди другите приврзаници на клубот.
Реакцијата на клубот уследи откако на неделниот натпревар против Тотенхем на трибините можеа да се забележат навивачи на Њукасл, кои носеа традиционална арапска облека во знак на задоволство од преминувањето на клубот во рацете на новите сопственици.
– Гестот е симпатичен и позитивно прифатен, но останува можноста дека таквото облекување е културно несоодветно и ризикува да ги навреди другите луѓе. Ги повикуваме навивачите на клубот да носат сè што е нормално за нивната култура и вера, соопшти клупското раководство.
Њукасл по преземањето од страна на Саудијците стана најбогат клуб во светот, а во Премиерлигата моментно е на претпоследното место што денеска доведе до смена на тренерот Стив Брус.