Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси би требало да дебитира за Интер Мајами на 21 јули, изјави претседателот на клубот, Хорхе Мас. Тој рече дека Меси најверојатно ќе го одигра својот прв натпревар за Интер против мексиканскиот Круз Азул во Лига Купот, северноамериканско натпреварување кое заеднички го организираат Северноамериканската лига (МЛС) и мексиканската федерација.
Меси на 7 јуни објави дека кариерата ќе ја продолжи во Мајами, по две години поминати во Пари Сен Жермен.
„Решив да одам во Мајами. Време е да одам во МЛС лигата и да го доживеам фудбалот на поинаков начин”, изјави тогаш Меси.
Американските медиуми објавија дека Аргентинецот потпиша договор со Интер Мајами на две и пол години вреден 55 милиони евра. Договорот предвидува и удел во капиталот на клубот на крајот на играчката кариера.