Фудбалот падна во втор план во 62-та минута од средбата меѓу ПСЖ и Нант во 29-тото коло, кога тренерот на „парижаните“ Маурисио Почетино одеднаш го извади од игра Анхел ди Марија и на негово место го стави Леандро Паредес.
Ди Марија мораше да излезе затоа што во тој момент се случуваше голема драма во неговиот дом. Информацијата најпрво ја дозна спортскиот директор Леонардо, кој седеше во ложата. После тоа, информацијата стигна до самиот тренер, кој веднаш реагираше.
Додека Ди Марија излегуваше од теренот, Почетино му кажа дека провалници влегле во неговиот дом каде што во тоа време се наоѓало неговото семејство. Аргентинскиот фудбалер веднаш побрза дома.
Според некои информации, инцидентот во куќата на аргентинскиот фудбалер бил многу насилен, а членовите на неговото семејство биле заложници на провалниците. За среќа, нема повредени.