Поранешниот германски фудбалски репрезентативец Месут Озил (33) ќе ја продолжи кариерата во турскиот прволигаш Башакшехир, соопшти синоќа клубот од Истанбул.
Озил во клубот, чиј навивач е неговиот кум и претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, доаѓа без обесштетување, откако неодамна го раскина договорот со Фенербахче.
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и Арсенал имаше проблеми со физичката подготвеност и посветеноста на тренинзите и поради тоа од март не беше во плановите на Фенербахче.
Роден во Гелзенкирхен, Озил за репрезентацијата на Германија одигра 92 натпревари и постигна 23 голови, а во 2014 година ја освои светската титула на Мундијалот во Бразил. (МИА)