недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Падна едно од обвиненијата против Блатер

Падна едно од обвиненијата против Блатер

Швајцарското обвинителство ќе отфрли едно од обвиненијата за корупција против поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, пренесува францускиот весник „Ле Монд“. Според весникот, 84-годишниот Швајцарец нема да одговара на суд за обвинение дека продал по нереална цена телевизиски права за емитување на две светски првенства на Карибската фудбалска федерација.

Тоа беше едно од двете обвиненија покренати против Блатер во 2015 година, кога беше соборен од претседателсската позиција на светската фудбалска централа по бурен корупциски скандал. Самиот Блатер изјави дека сè уште не ја добил документацијата за отфрлање на обвинението, но во пракса потврди дека тоа е факт.

-Јас не добив никакви документи од канцеларијата на швајцарското обвинителство. Ќе разговарам со мојот адвокат, ќе ја испратам документацијата. Тоа е договор за телевизиски права, рече тој.

Договорот дава право за пренесување на Светските првенства на Карипската фудбалска федерација во 2010 и 2014 година за само 600.000 американски долари – сума која е утврдена многу пониска од реалната пазарна цена.

За Блатер сепак останува обвинението за незаконската исплата направена во февруари 2011 година на тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, во вредност од 2 милиони швајцарски франци.

-Штом ќе се затвори овој случај, ќе ја замолам ФИФА за моја рехабилитација, бидејќи мојата казна од етичкиот комитет на ФИФА е направена врз основа на овие обвиненија од швајцарскиот судски систем, коментира Блатер.

Во 2015 година Швајцарецот беше осуден со забрана за вршење на фудбалска активност за шест години од страна на ФИФА, додека Платини доби казна од четири години и веќе се врати на раководна позиција во ФИФПро, Светската организација на професионални фудбалери. (МИА)