Горан Пандев и неговата пензија предизвикаа многу емоции во таборот на македонската реперзентација. Сите фудбалери се собраа и му направија „шпалир“ на излегувањето од теренот на дуелот против Холандија.
Според Рафаел ван дер Варт, поранешниот холандски репрезентативец, 37-годишниот ветеран е како Јохан Кројф за фудбалот во Македонија.
„Мислам дека тоа беше одличен гест. Пандев е како Јохан Кројф за Македонија. Имав морници кога излегуваше од терен, за малку и не пуштив солза. Мислам дека е прекрасно играчи како него да бидат испратени на таков начин“, смета Холанѓанецот.
Капитенот на „лалињата“, Џорџино Вајналдум, пред почетокот на мечот во Амстердам се погрижи да го испрати Пандев во пензија и му подари специјален дрес со бројот 122, бројот на натпревари за македонскиот национален тим.
Клупската кариера на македонската легенда и натаму е под знак прашалник. Засега не се знае дали ќе продолжи со активното играње фудбал или целосно ќе се повлече ова лето.