Доскорешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев, рекордер по број на мечеви (122) и на голови (38) во националниот дрес го ‘пецна’ актуелниот селектор Благоја Милевски во интервјуто за угледниот германски весник „Зидојче Цајтунг“ во пресрет на денешниот меч со Германија во Скопје.
Откако Милевски го наследи Игор Ангеловски на клупата во август, дебитираше до три ремија во низа минатиот месец, Ерменија (0-0), Исланд (2-2) и Романија (0-0), а постојано потенцираше дека без оглед на резултатите Македонија го игра најубавиот фудбал во историјата и дека целта е да се создаде селекција со поинаков лик за следниот циклус за Еуро 2024 во Германија.
Токму поради ова Пандев не се согласува, зашто актуелниот квалификациски циклус за СП не смее да се пропушти, како и шансата за евентуален пласман на Мундијалот, потенцирајќи за германскиот весник дека има чувство дека македонската јавност многу повеќе верува во второто место во групата од самиот селектор Милевски.
„Овој меч сега со Германија ќе биде поинаков од тој во Дуисбург, само поради новиот селектор Благоја Милевски, кого не го познавам многу добро, но знам дека донесе нов пристап, нова тактичка шема. Атмосферата ќе биде жешка, а македонската јавност верува дека можеме да бидеме втори во групата. Но, понегогаш сѐ си мислам дека луѓето во Македонија веруваат повеќе во тоа (второто место – н.з.) отколку самиот Милевски. Тој вели дека го подготвува тимот за следниот квалификациски циклус за Европското првенство ( во 2024 година – н.з.)“, вели Пандев.
На прашање дали мисли дека тој пристап е грешка, Пандев одговори потврдно.
„Мислам дека е грешка. Имаме голема шанса. Победата во Германија беше вредна шест или дури девет бода, зашто Германија тешко дека ќе си дозволеше уште еден пораз дома“, вели Пандев.
Македонскиот калчолигашки ас кој остави силен белег во Калчото, посочи дека ова му е последна сезона и дека заминува во пензија, па непропушти шанса да посочи дека во Фудбалската федерација (ФФМ) работат нефудбалски луѓе и дека сака да биде инволвиран во федерацијата.
„Ова е моја последна сезона, тоа е сигурно“, вели Пандев, па продолжува:
„Не знам што потоа. Можам да си замислам да бидам инволвиран во македонската федерација, зашто таму има луѓе што работат, а ништо не разбираат околу фудбалот. Имаме силни, млади фудбалери, на кои треба да им се покаже вистинскиот правец, на кои им треба помош. Многу работи во македонскиот фудбал треба да се сменат од корен, ни недостига правилен проект. Не смее да чекаме нови 30 години, колку што чекавме до Еуро 2020 за да играме на големо натпреварување. Затоа мора нашите шанси да ги користиме. Да, го победивме Лихтенштајн со 4-0, ама многу лесно загубивме бодови во септември“, потенцира Пандев.
Еден од најголемите играчи во македонскиот фудбал практично во цела 2021 година неколкупати фрлаше „дрвја и камења“ по ФФМ, барајќи сериозни и коренити промени во компелтниот македонски фудбал.