Имам играно за многу тимови, имам видено многу, имам освоено сè од титули, но, да победуваш со твојата репрезентација не се споредува со ништо. Би ги дал сите освоени трофеи за да одам на Европско со репрезентацијата, вели македонскиот фудбалски репрезентативец и член на Џенова, Горан Пандев за грчкиот спортски портал „Газета.гр“, во интервјуто во кое говори за историскиот пласман на Европското првенство, за натпреварите со Грузија и Германија, за неговата кариера и „закачувањето на копачките“, за понудите од грчките тимови во минатото, но и за односите меѓу двете соседни земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Открива дека бил блиску до договор со ПАОК, кога бил мал имал можност наместо во Интер да замине во Олимпијакос, објаснува дека по Европското, ќе реши дали ќе се „пензионира“, а се присеќава и на импресивната сезона во Интер, коментирајќи ги Мурињо и Камбиасо.
Во текстот под наслов „Би ги подарил сите трофеи за да одам на Европско, сакаа да ме земат Олимпијакос и ПАОК“, новинарот коментира дека Пандев, „на крајот од неговата кариера се погрижи да го исполни сонот во кој ни самиот не веруваше“.
– Никогаш не верував дека мојата репрезентација ќе ја видам на голем настан. Ниту на 37, ниту на 38 години. Но, како човек верувам во судбина во животот. И судбината сакаше тоа да се случи. Имам играно за многу тимови, имам видено многу, имам освоено сè од титули. Но, да победуваш со твојата репрезентација не се споредува со ништо. Би ги дал сите освоени трофеи за да одам на Европско со репрезентацијата. Се сеќавам што се случи по натпреварот со Грузија, пласманот беше сигурен. Беше како да освоивме Европско, а ние само успеавме беше да се пласираме. Не беше лесно, но насмевките на моите сонародници се најдоброто нешто што ми се случи во кариерата, вели Пандев за натпреварот со Грузија.
За последниот пак, со Германија, коментира дека „вечерта во Дуизбург беше историска“ и истакнува дека дури и сега, две седмици подоцна, уште не може да поверува, со оглед на фактот што „Германија 20 години немаше загубени во квалификации за Мундијал и токму тоа го сторивме ние“.
На прашањето дали може да го постигнеме она што го направи Грција на Европското првенство во Португалија во 2004 година, Пандев вели дека не знае дали може да бидеме изненадување, но немаме што да изгубиме.
– Одиме на Европско и немаме апсолутно ништо да загубиме. Можеме да им ставиме пречки на сите репрезентации од групата, коментира македонскиот фудбалски репрезентативец.
Дали настапот на претстојното Европското првенство ќе го означи и крајот на кариерата, Пандев вели дека на таа тема ќе разговара со претседателот и тренерот, а потоа ќе донесе одлука.
– Се чувствувам добро иако се приближувам до 38 години (се смее). Колку и да се обидувам да се залажам, не ми останува уште многу време. По Европското можеби ќе прекинам, но ќе разговарам со претседателот, со тренерот и ќе видиме, одговара Пандев.
Грчкиот спортски портал коментира дека името на македонскиот репрезентативец во минатото се поврзуваше со повеќе екипи од Грција, а Пандев бели дека не знаел дека толку многу се споменувал во грчките медиуми.
– Ќе ви ти откријам дека кога бев мал, пред да заминам во Интер бев многу блиску до Олимпијакос. Но, претседателот на мојот тогашен тим (Беласица) го расипа трансферот. Пред неколку години бев во разговори со ПАОК, кој многу сакаше да дојдам, но години бев во Италија, моето семејство се чувствуваше добро тука и останавме, открива Пандев.
Се присетува и на сезоната во Интер, кога освоија сѐ што можеше да се освои, вели дека таа „импресивна сезона“, нероаѕурите имаа одлични играчи, со „најдобриот тренер на светот, Мурињо“.
– За мене тој е татко. Тој ме научи на многу работи не само за фудбалот, туку и за животот. Камбиасо беше тренер на местото на тренерот (се смее). Тој беше тренер на теренот, секогаш даваше упатства и сигурен сум дека ќе стане добар тренер. Фантастичен човек, вели Пандев.
Не ме интересира политика, двата народи се слични
За односите меѓу двете соседни земји и политичкиот дел, Пандев во интервјуто за „Газета.гр“, категорично истакнува дека „не знае ништо за политика, не разбира ништо околу политиката и затоа нема да говори за политика“.
Потенцира дека нему му се допаѓа фудбалот и добрите фудбалери, независно од тоа од која земја се, дали од Грција, дали од Северна Македонија, дали од Италија.
– Никогаш не ми се допаѓаше политиката. Знам дека говориме за два народи кои се слични, истакнува тој, додавајќи дека сега е најважно да се заврши со пандемијата.
„Одмор“ е првиот збор на кој му текнува на Пандев кога ќе му поминува низ умот на Горан Пандев кога ќе го слушне името Грција? Која е првата врска со нашата земја?
Новинарот од „Газета.гр“ се прашува „Кој е првиот збор на кој помислува Горан Пандев кога го слуша името Грција?“, а македонскиот репрезентативец низ смеење му одговара „одмор“, објаснувајќи дека живее во Струмица, што е блиску до Грција и секое лето ги посетува грчките плажи.
– Грција, лето и одмор, вели Пандев во интервјуто за грчкиот спортски портал.