недела, 3. март 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Пандев: За ова се вратив во репрезентацијата

Пандев: За ова се вратив во репрезентацијата

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, ќе ги предводи своите соиграчи денес на Националната арена во Букурешт, каде Македонија ќе дебитира не Европското фудбалско првенство против Австрија.

Најдобриот македонски фудбалер е подготвен за предизвикот, истакнувајќи дека токму ова, пласманот на Македонија на едно големо фудбалско натпреварување, била причината поради која се врати во националниот тим во 2015 година, на убедување на актуелниот селектор Игор Ангеловски.

„Работат емоциите. Сите во Македонија, почнувајќи од фудбалерите, па се до навивачите, медиумите, целата јавност, го очекувавме овој момент. Сите сме подготвени да го дадеме срцето за нови радости, затоа што знаеме дека цела Македонија ќе гледа во нас. Јас го прифатив предизвикот на селекторот пред шест години кога дојде во Џенова и ме убеди да се вратам во националниот тим бидејќи не чекаат успешни денови. Ми се чини дека тоа беше главното на патот до остварување на овој сон. Но, секако и јас и соиграчите сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Желбата е да го дадеме максимумот на секој натпревар и да се обидеме да не завршиме по само три меча на шампионатот. Имаме негативно искуство со Австрија, но добро ги анализиравме нивните игри во последниот период. Знаеме дека не очекува еден тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме да се надигруваме. Онаа победа против Германија донесе дополнителна самодоверба во нашиот тим, момците се повеќе од свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив на секој натпревар на ЕП“, изјави Пандев.