Легендарниот бразилски фудбалер Пеле е во стабилна состојба и до недела ќе може да се врати во својот дом, откако повторно е на болничко лекување поради туморот на дебелото црево што му беше откриен при рутински преглед во септември, објави вечерва неговата ќерка.
– За два – три дена ќе биде дома и ќе може да ужива во божиќните празници, напиша Кели Насименто на својот Инстаграм профил.
Болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло, во која 81-годишниот Пеле мина еден месец во септември, соопшти вчера дека легендарниот фудбалер се вратил во таа медицинска установа на уште една рунда хемотерапија и оти неговата здравствена состојба е стабилна.
– Нема никакво изненадување, планирано беше враќање во болницата и тоа е дел од лекувањето, наведе Насименто, која живее во Њујорк, но се врати во Бразил за да биде покрај својот татко.