вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Перез одлучи – Анчелоти, Модриќ Бензема и Крос остануваат во Реал М

Перез одлучи – Анчелоти, Модриќ Бензема и Крос остануваат во Реал М

Претседателот на Реал Флорентино Перез му даде поддршка на тренерот Карло Анчелоти по елиминацијата на Кралевите од Манчестер Сити во полуфиналето на Лигата на шампионите, пренесуваат шпанските медиуми.

Реал Мадрид во полуфиналниот реванш од Лигата на шампионите беше декласиран од Манчестер Сити со 4:0.

Шпанските медиуми наведуваат дека Перез по непроспиената ноќ одлучил Анчелоти да го заврши договорот со Реал, односно да го води мадридскиот клуб до 30 јуни 2024 година.

Претседателот на кралевите од Мадрид воедно се договорил со спортскиот сектор на крајот на сезоната да им ги продолжи договорите на трите големи ѕвезди , искусните Карим Бензема, Тони Крос и Лука Модриќ.

Овие тројца играчи имаат договори со Реал до крајот на сезоната, а првиот човек на „кралскиот клуб“ одлучи Бензема, Крос и Модриќ да бидат столбот на тимот од стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и во следната сезона.

– Прашање на денот е кога ќе биде продолжена соработката со тројцата фудбалери. Во Реал веруваат дека евентуалното заминување на сите тројца играчи во ист преоден рок би било голем проблем за Реал – пренесуваат шпанските медиуми.

Перез во наредните денови ќе одржи состанок со Анчелоти и спортскиот директор Хозе Анхел Санчез на кој ќе се анализира моменталната ситуација во клубот и можните засилувања во летниот преоден рок.