Поранешниот челник на УЕФА и прославен француски фудбалер Мишел Платини е потенцијален кандидат за позицијата претседател на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), на која вчера привремено беше назначен Филип Диало по оставката на долгогодишниот прв човек на францускиот фудбал Ноел Ле Грет.
Ова денеска го објавија неколку германски и француски медиуми, при што весникот „Зидојче цајтунг“ наведува дека ФФФ веќе работи на тој план со Платини, додека радиото РМЦ Спорт посочува дека францускиот претседател Емануел Макрон го прашал Платини дали е заинтересиран за челната позиција во францускиот фудбал.
Ле Грет вчера се повлече од функцијата што ја извршуваше од 2011 година, по контроверзните изјави во врска со француската фудбалска легенда Зинедин Зидан.
Платини пред половина година беше ослободен од швајцарски суд од обвинението за финансиска измама, а во таа прилика изјави дека веќе нема да бара работа како фудбалски функционер. Меѓутоа, во истовреме рече дека би бил заинтересиран за ангажман во фудбалот, доколку тоа би било нешто позитивно.