Поранешниот белгиски фудбалски репрезентативец Винсент Компани одлучи да ја напушти клупата на Андерлехт на која седеше во последните три години.
Компани дојде во Андерлехт во летото 2019 година од Манчестер сити и во првата сезона имаше двојна улога на играч и тренер, а во следните две сезони се посвети само на тренерската должност. Одлучи да го напушти Андерлехт откако во трите сезони не успеа да освои ниту еден трофеј.
Во првата сезона под негово водство Андерлехт заврши дури на осмото место што е најлош пласман во клупската историја. Минатата сезона беше на четвртото место, а сезонава заврши како третопласиран.
Андерлехт со 34 национални титули е белгиски рекордер, но клубот од Брисел последен пат беше шампион во 2017 година.
Според белгиските медиуми, Компани ќе се врати во Премиер лигата како нов тренер на Барнли. (МИА)