Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди синоќа го одигра првиот меч за шпанскиот прволигаш Леванте по речиси тримесечна пауза поради повреда на рбетот.
Леванте на домашен терен ги подели бодовите со Ваљадолид, одигрувајќи 2:2 во натпревар во кој Барди влезе од клупата за резервни играчи во 84 минута на местото на Хорхе Мирамон.
За македонскиот играч за врска ова беше прв официјален натпревар од осми ноември минатата година по што Барди започна со рехабилитација по дијагностицираната лумбална дискус хернија.
Леванте по 19 натпревари во Ла Лига е на средина на табелата со 23 бодови, а во следното коло ќе му гостува на актуелниот првак Реал Мадрид.