сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Погба позитивен на допинг-тестот!

Погба позитивен на допинг-тестот!

Играчот од средниот ред на италијанскиот калчо гигант Јувентус, Пол Погба, падна на допинг-тест на примерок земен од него по првенствениот натпревар со Удинезе.

Резултатот од примерокот што го даде 30-годишниот играч од средниот ред на „старата дама“ по натпреварот против Удинезе, кој беше одигран на 20 август, беше позитивен на недозволени супстанци. Во неговата крв биле пронајдени траги од тестостерон.

Најтрофејниот клуб во Серија А веднаш го суспендираше играчот, кој има три дена да поднесе барање за нова анализа, а доколку и Б примерокот биде позитивен, ќе се соочи со драконска суспензија.

Погба би можел да добие две години суспензија и тоа дефинитивно би значело крај на неговата богата кариера, кој за жал во изминатите неколку сезони помина во знакот на честите повреди.

Пол Погба минатата година се врати во Јувентус по шест години поминати во дресот на Манчестер Јунајтед.

Французинот поради повреди ја пропушти минатата сезона, а оваа сезона конечно почна да игра, но неговата кариера повторно се движи во непосакуваната насока.

Ова е тежок удар и за торински Јувентус, кој очекуваше Погба конечно да се врати на зелениот терен, но, очигледно ништо нема да излезе од тоа и Погба би можел да се соочи со долга пауза.

За француската репрезентација одигра 91 натпревар и постигна 11 гола, ја освои титулата светски шампион во 2018 година.