Повеќе од 100.000 Англичани се потпишаа досега на онлајн петицијата за прогласување национален празник доколку Англија ја освои титулата на ЕУРО2020 што, според законот, значи дека парламентот во Лондон е обврзан да расправа за барањето на иницијаторите.
Со петицијата, која осамна на интернет денеска и досега ја потпишаа 110.000 луѓе, се бара понеделник, 12 јули, да биде прогласен за национален празник во случај Англија, ден порано, за прв пат во својата историја да стане европски првак.
Натпреварот против Италија, в недела на „Вембли“ во Лондон за Англија ќе биде прво финале на завршните турнири по 1966 година, кога на истиот стадион ја освоија титулата светски првак.
Според британското законодавство, парламентот е обврзан да расправа за поднесени петиции со поддршка од најмалку 100.000 граѓани.