Македонската фудбалска репрезентација и третиот натпревар од овој квалификационен прозорец го одигра нерешено, овој пат ремизиравме против Романија во Скопје, мечот заврши без голови 0-0.
Македонската репрезентација го имаше поседот на топката во текот на целиот натпревар, но тешко создаваше големи шанси.
Брзо по почетниот свриреж на судијата Македонија воспостави доминација на теренот која ја одржуваше, но не успеваше да создаде посериозни шанси. Првата шанса ја имавме во 34. минута кога Елмас биеше од добра позиција, но голманот Ница го одбрани неговиот удар.
Во вториот дел состојбата на теренот беше слична со разлика што почнавме да создаваме поконкретни шанс.
Течеше 51. минута кога Елиф Елмас се обиде по еден соло пробив, топката удри романски фудбалер, го смени правецот и малку фалеше да го измами голманот Ница кој со крајни напори успеа да одбрани.
Седум минути подоцна Барди шутираше по асистенција од Елмас, но и неговиот удар го одбрани романскиот голман.
Во 73. минута Барди се обиде со силен удар од далечина, но и овој пат голманот на Романија беше поуспешен од нашите фудбалери.
Романија единствената шанса ја имаше од слободен удар, Димитриевски реагираше лошо, но за среќа нашата мрежа остана мирна.
До крајот на натпреварот не успеавме да создадеме нова посериозна закана кон голот на Романија, па и на овој натпревар на Арената „Филип Втори“ публиката не виде гол. По шест одиграни кола ние сме на четвртата позиција со девет освоени бода.