Богатството што го остави зад себе Диего Армандо Марадона ќе биде поделено на пет еднакви делови, објави денеска судот во Ла Плата со што беше ставен крај на првата рунда од битката во тестаментот на фудбалската легенда.
Марадона имаше вкупно 11 деца од осум различни жени, но судот ги прифати аргументите само на петте кои биле признаени од големиот ас. Затоа, неговото богатство ќе се дели меѓу Диего Џуниор, роден во Италија од врската со Кристина Синагра, потоа ќерките Далма и Џанина од бракот со Клаудија Вилафане, Јана, која му е ќерка од Валерија Сабалаин, како и осумгодишниот Диего Фернандо, плод на неговата врска со Вероника Оједа, пренесе ЕКИПА.
Се очекува ова да биде само почеток на нова рунда од битката за богатството на Диего, со оглед на најавените жалби на децата кои не биле признаени од легендарниот фудбалер.