Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини денес им ги врачи билетите за Европското првенство на вработените од клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби кои организирано ќе ги следат натпреварите на Македонија на континенталниот собир.
Македонската „Ќуќа на фудбалот“ како што најави претходно им даде предност на здравствените работници кои аплицираа за купување на билети за Европското првенство преку Фудбалската федерација на Македонија, а дополнително, на медицинскиот персонал преку Министерството за здравство ќе им овозможи влезници за натпреварите на Македонија на Европското првенство.
„Изминатите речиси две години, едноставно, живеевме во време и моменти кои не потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и трудот што го вложуваат за да нѐ заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности“, рече првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Главна сестра на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, Габриела Темелковска рече:
„Голем е гестот на ФФМ. Почит од сите нас. Благодарни сме на федерацијата, како и за поддршката која фудбалерите и спортистите ја искажуваа за здравствените работници во изминатиот период. Дел од вработените во нашата клиника организирано ќе патуваат во Букурешт и со цело срце ќе ја бодрат македонската репрезентација. Ова е начин и ние да возвратиме на поддршката која нас ни ја даваа фудбалерите во искчлучително тешкиот период за сите“.
Македонија своето деби на Европското првенство ќе го има в недела, на 13 јуни против Австрија. Тој натпревар како и дуелот од второто коло против Украина го играме во Букурешт, додека групната фаза ја затвораме во Амстердам против Холандија.