Македонија обезбеди историски пласман на едно големо натпреварување, па следниот јуни ќе се појави на Европското првенство кое за прв пат ќе се одигра во 12 градови. Нашата селекција ќе игра во Букурешт и Амстердам, а очекувано Фудбалската федерација на Македонија ќе добие дел од влезниците за тие натпревари.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини изјави дека приоритет за купување на влезници за Европското фудбалско првенство на кое ќе учествува Македонија ќе имаат медицинските лица кои се во првите редови во борбата против ковид-19.
“Би сакал заедно со Вас да споделам една благодарна иницијатива која заедно со Управниот одбор на федерацијата ја преточивме во одлука, а се однесува на распределбата на влезниците за Европското првенство кое се игра во 2021 година. Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на влезниците за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство.
Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата се стави под контрола, како резултат за натчовечките напори и заложби кои секојдненво ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид – 19 (доктори, сестри, технички персонал).
Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности. Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандерите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство”, напиша Сејдини.