недела, 14. јануари 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Промовирана нова кампања „Фудбалот против дискриминација“

Промовирана нова кампања „Фудбалот против дискриминација“

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и невладиниот Центар за меѓународна соработка денеска заеднички почнаа со реализација на проект за промоција на еднаквоста, превенцијата и заштитата од дискриминација во македонското општество преку зголемување на јавната свест, информирање и едукација.

-Фудбалот е игра која мора да биде достапна за секого, без оглед на тоа: кој пол е, која националност, или верска припадност. Дали има инвалидитет, кој е, од каде доаѓа и како игра. Во фудбалот нема место за каква било дискриминација. Нашата игра зближува различни националности и вероисповеди, истакна претседателот на ФФМ Муамед Сејдини на промоцијата на кампањата насловена „Фудбалот против дискриминацијата“.

-Праќаме силна порака за поддршка на различноста и за давање еднакви можности за сите. Верувам дека сите се стремиме кон целта да направиме сè, после натпреварите да се зборува само за фудбалот. Овој период, кога целото внимание на јавноста е насочено кон фудбалерите и нашиот настап на Европското првенство е совршена можност повторно да ја пратиме оваа порака и да ја славиме различноста, посочи Сејдини.

Претседателката на КЗСД Весна Бендевска, нагласи истакна дека Комисијата има обврска за воспоставување соработка со партнери за остварување на принципот на еднаквост и унапредување на спречувањето и заштитата од дискриминацијата.

-ФФМ во своето делување е веќе докажана општествено одговорна организација која учествува во бројни кампањи чија цел е создавање подобро општество со еднакви можности за сите. Пандев, Адеми, Елмас и останатите фудбалери станаа синоним за заедништво, пријателство и меѓусебна почит. Како Комисија сметаме дека во моментот, фудбалската репрезентација на Македонија претставува вистински пример за градење повисока култура на еднаквост и разбирање меѓу сите граѓани во Македонија, истакна Бендевска.

Директорот на македонскиот Центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, посочи дека Центарот ја финансираше кампањата и промотивните видеоспотови, и ќе продолжи со поддршка на проекти што имаат за цел да ја подигнат свесноста против секаков вид на дискриминација без разлика дали е национална, родова, партиска и каква било друга. (МИА)