Навивачите на Милан му испратија неколку пораки на Џиџио Донарума дека не е добредојден на „Сан Сиро“ дури и како член на италијанската репрезентација, а голманот се увери во нивните најави добивајќи свирежи и навреди за време на дуелот меѓу Италија и Шпанија во Лигата на нации.
Осудата на однесувањето на фановите нема да го избрише она што го доживеа Донарума, а се јави и неговиот агент Мино Раиола, кој префрли голем дел од вината кај поранешниот клуб Милан.
– Она што се случи на стадионот е тажно, чудно и срамно.
– Чудно е што фановите го напаѓаат Донарума бидејќи направи слободен избор, а уште почудно е што Милан не се дистанцираше како клуб од ваквото однесување.
– Италија се покажа во лошо светло пред целиот свет, навистина го ценам потегот на Бускетс кој сфати низ што поминува Џиџио, – изјавил Раиола алудирајќи на потегот на Шпанецот кој го смируваше Донарума откако голманот добиваше свирежи на секој контакт со топката.
– Донарума секогаш бил голем професионалец, помогна Италија да стане европски шампион, а му беше лојален и на Милан во најтешките моменти, беше професионалец до последниот настап и помогна екипата да се врати во Лигата на шампионите, – изјавил агентот на Донарума.