Официјална страна на португалска репрезентација објави дека сите билети за натпреварот кој ќе се одигра со македонската репрезентација се продадени.
Тоа значи дека 50.000 фанови ќе го следат во живо големиот бараж за Светското првенство закажан за 29.03.2022.
„РАСПРОДАДЕНО! Стадионот „Драгао“ ќе има 50 илјади најдобри навивачи во светот кои ја поддржуваат нашата репрезентација!
РАСПРОДАДЕНО! Стадионот сега и официјално распродаден за натпреварот со Македонија“ – се наведува во објавата.
Македонските навивачи кои овој значаен натпревар ќе го следат од својот дом, треба да знаат дека истиот започнува во 20:45 часот.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, порача дека македонските фудбалери со иста желба и мотивираност како во Палермо ќе и се спротивстават и на Португалија во завршниот натпревар за пласман на Мундијалот во Катар.
-Притисок секогаш ќе има, но и мотивот за победа секогаш е тука, без разлика кој ни е противник. Фер и коректно е да се надеваме дека можеме да победиме,изјави Милевски по пристигнувањето на репрезентативниот табор вечерва на скопскиот аеродром.
Коментирајќи ја сензационалната победа над европскиот првак Италија на гостински терен, Милевски истакна дека триумфот е „мотив плус и показател дека репрезентацијата е на вистинскиот пат“.
-Ние сме мала држава и мала репрезентација во создавање. Нашата цел е да се развиваме и во иднина да се приближиме кон најдобрите, а овие резултати ни се показател дека сме на вистинскиот пат, порача Милевски, кој денеска го прославува својот 51. роденден.