Српскиот стратег Ратко Достаниќ е нов шеф на стручниот штаб на Работнички. Тој денеска постигна договор со раководството на клубот да го преземе тимот до крајот на оваа сезона, со опција соработката да продолжи за уште една дополнителна година.
Претседателот на Работнички, Драган Поповски изразува задоволство што Работнички успеа да доведе искусен и квалитетен стручњак за вториот дел од шампионатот на Македонија.
– Ратко Достаниќ е врвно тренерско име на поранешните југословенски простори и среќни сме што ќе го имаме во нашите редови. Се надеваме дека неговото непроценливо искуство, тренерскиот квалитет и напорната работа ќе донесат и многу подобри резултати за Работнички во периодот што следи. Не очекуваат големи предизвици во пролетниот дел од првенството и веруваме дека Ратко Достаниќ е вистинското решение за тренерската клупа, изјави Поповски на за клупската веб-страница.
Српскиот тренер е среќен што повторно ќе има можност да работи со македонска екипа.
– Работнички е голем клуб, голема чест ми е што добив понуда да го преземам тимот. Ова е голем предизвик за мене и можност повторно да работам во Македонија. Добро сум запознаен со квалитетот на составот, апсолутно не е соодветствува со актуелниот пласман на табелата и ќе се трудиме тоа брзо да го подобриме. Со напорна работа и добра клупска стратегија верувам дека Работнички брзо ќе се врати на позициите што му припаѓаат, изјави Достаниќ.
Српскиот стратег има големо искуство, во кариерата бил тренер на многу клубови од Србија, Бугарија, Грција, Кина, Грузија, Тунис, а во 2008 година работеше и во нашата земја.