Натпреварите на македонската фудбалска репрезентација во претстојните три изданија на УЕФА Лигата на нации, како и во наредните три квалификациски циклуса за ЕП 2024, за СП 2026 и за ЕП 2028, нема да бидат емитувани на Македонската Радио Телевизија.
Ова е разочарувачка информација за љубителите на фудбалот во земјава непосредно пред скорашниот старт на новата УЕФА Лига на нациите, во којашто Македонија во текот на јуни ќе одигра четири натпревари, два со Бугарија и по еден со Гибралтар и со Грузија.
Одговорниот уредник на МРТ-3 Драган Николовски очекува Јавниот сервис да биде изложен на критики и обвинувања како и досега во слични ситуации, но вели дека државната телевизија направила се што била во нејзина моќ и оти совеста и на менаџментот и на спортската програма им е чиста.
На меѓународниот тендер на УЕФА за продажба на телевизиските права за територијата на Македонија за настапите на националните фудбалски селекции за периодот 2022-2028, МРТ кон крајот на минатата година учествуваше со понуда соодветна на моменталните финансиски можности и на финансиските проекции за наредните шест години, вели Николовски.
Поради огромното значење на македонските репрезентативни фудбалски натпревари, особено во светлината на деби-настапот на последното ЕУРО 2020 и на фактот што националниот тим неодамна беше на чекор до историски пласман и на СП 2022 во Катар, Јавниот сервис изрази готовност, за околу 60 меча коишто Македонија ќе ги одигра до 2028, да плати сума којашто ќе беше највисока досега за телевизиски права за еден ваков циклус спортски натпревари, а и воопшто за откуп на телевизиска програма.
Но, тоа беше недоволно. Во време во коишто цените на глобалниот пазар за телевизиски права за спортски настани астрономски растат, се покажа дека е невозможно МРТ да се „бори“ во исклучително силната конкуренција со регионалните медиумски концерни Јунајтед Медија и Телеком Србија. Поради нивното меѓусебно долго наддавање за ТВ-правата за пошироките простори на поранешната држава (преку канали коишто се реемитуваат и кај нас) УЕФА објави крај на тендерот дури неодамна, само на помалку од еден месец пред почетокот на Лигата на нации, што само по себе беше невообичаена практика во споредба со претходно – објаснува уредникот на спортската програма на МТВ.
-На територијата на Македонија, атрактивните фудбалски содржини од ова натпреварување, како и од наредните три квалификациски циклуса за СП и за СП, ќе се гледаат на Арена Спорт. Го прашавме Николовски дали постои шанса МРТ евентуално преку т.н „втора рака“ да издејствува мечевите на Македонија сепак да се гледаат и на Јавниот сервис, особено со оглед на досегашната соработка со спортската телевизија од соседна Србија?
Веднаш по објавата на ваквиот епилог на тендерот на УЕФА за телевизиските права за пакетот натпревари на македонската фудбалска репрезентација на територијата на државава, МРТ се обиде од новиот носител на ТВ-правата да обезбеди сублиценца, т.е на таков посреден начин сепак да овозможи емитување на содржините. Тоа ќе подразбираше делење на ексклузивитетот, но Јавниот сервис беше подготвен дури и на тоа, со искрена цел – фудбалските преноси да бидат достапни до сета телевизиска публика во земјава со коментар на македонски (и на албански) јазик. Сметаме дека во овие специфични времиња тоа е исклучително значајно прашање за сите во Македонија.
Сепак, цената којашто носителот на ТВ-правата ја постави како услов за евентуален договор за сублиценцирање на телевизиските права, плус суперквалитетната ТВ-продукција на домашните натпревари според највисоки УЕФА стандарди којашто е составен дел од обврските, МРТ беше невозможно да ја гарантира во моментов, тврди Николовски.
Но, дали телевизијата беше блиску до договор?
Во деловниот свет се избегнува споменување на цените, но имајќи ја предвид сензитивноста на ситуацијата, како и неповолните реакции на коишто во слични околности вообичаен е изложена МРТ, чувствувам потреба јавно да го изразам ставот дека сумата од рекордни три милиони евра е нереална за држава со број на телевизиски гледачи како Македонија, особено за коексклузивитет. Тоа се страшно многу пари, премногу. Покрај тоа, сумата е апсолутно превисока за македонските околности во телевизискиот бизнис, во којшто државната МРТ единствена од домашните канали се труди да понуди на програмата квалитетни спортски содржини, уверува тој.
Понатаму Николовски вели дека подеталната анализа која ја направила телевизија покажала дека цената по натпревар би била уверливо најскапата телевизиска програма воопшто, или би чинела речиси 50 насто повеќе од вредноста на најексклузивната и најатрактивна содржина, не само спортска, којашто МРТ досега некогаш ја има откупено .
Јавниот сервис во моментов не е во состојба самостојно да ја обезбеди оваа рекордна сума.
За ова, само навидум неважно прашање коешто всушност е од многу поширок интерес, имајќи ги особено предвид промоцијата којашто Македонија го добива од фудбалската репрезентација, а и деликатноста на моментот во меѓународни, не само спортски, рамки, сепак на МРТ и е потребна и силна поддршка од државата – порачува уредникот на спортската програма на Македонската Телевизија, Драган Николовски.