На официјалната прес-конференција, покрај селекторот Милевски на македонската јавност се обрати и капитенот Стефан Ристовски.
„Секој натпревар си носи посебна приказна. Секако, статистички сме подобри на гости, ама не обрнуваме внимание на тоа. Склоп на околности е што дома сме помалку ефикасни. Професионално и фудбалски се спремавме низ целиот циклус. Не чувствувам посебен притисок. Секој наш натпревар пред домашната публика е прекрасен и се надевам дека стадионот и во иднина ќе биде полн. Судбината е во наши раце. Можеби кај некој влијае повеќе, ама тоа е дел од спортот. Се надевам ќе влеземе со ладни глави на натпреварот и квалитетот ќе исплива на површина. Го следев мечот на Исланд со Романија. Сметам дека тие ќе дојдат тука да се надигруваат, бидејќи имаат одлични индивидуалци. Знаеме за каков ривал се работи и се надевам на позитивен резултат, а со тоа и пласман во баражот за Мундијалот.
Продолжуваме по нашиот пат, да правиме нова генерација, да правиме нови играчи. Немам притисок од тоа што Горан Пандев пред мене го оствари како капитен. Сега јас ја добив лентата и ќе бидам горд ако обезбедиме бараж за Светското првенство, но не треба да се застане тука“, изјави Ристовски.