Барселона не може да си дозволи да стане жртва на критики поради колебливиот почеток на сезоната. Тоа го изјави главниот тренер на каталонците Роналд Куман.
Во сабота, Барселона е домаќин на Бетис во обид да ја прекине серијата од четири натпревари без победа во Примера. Лошиот почеток ги остави на 12-то место на табелата, а победата над Динамо Киев од 2: 1 во Лигата на шампионите исто така не успеа да импресионира.
– Тимови како Барселона мора да бидат цело време на врвот на табелата. Кога не се, нормално е да има критики. Можам да се справам со нив, но ние како тим не можеме да си дозволиме да бидеме опседнати со нив. Сезоната е долга и мора да се приближуваме натпревар по натпревар, изјави Куман.
– Потребни ни се тие три бода и ни треба малку мир. Дури и да победиме, не сум сигурен дека ситуацијата ќе се смири. Во овој клуб секогаш се случува нешто, додаде холандскиот тренер.
За Куман добра вест е враќањето на Марк-Андре тер Штеген. Тој го одигра својот прв натпревар по повредата на коленото во средата и ќе го запише својот прв шампионски настап за време на викендот.
– Против Динамо нашиот главен проблем беше во средниот ред, каде немавме доволно контрола. Ова не ни дозволи да ја контролираме играта и сите тие проблеми беа создадени за одбраната. Потребна ни е добра игра против Бетис и подобра одбрана отколку против Динамо. Треба да бидеме поконцентрирани и поорганизирани и на последните тренинзи работевме на тоа, потенцира Куман. (МИА)