четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Сејдини во делегацијата на Инфантино на средби со косовскиот државен врв

Сејдини во делегацијата на Инфантино на средби со косовскиот државен врв

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамет Сејдини е дел од делегацијата што го придружува првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино на неговата денешна официјална посета на Косово и средбите со шефот на државата Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Покрај Сејдини и неколку високи претставници на ФИФА, во придружба на Инфантино се и неговиот домаќин, претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Агим Адеми, како и челникот на Албанската фудбалска федерација, Ар мандо Дука.

Претседателката Османи преку нејзината страница на Фејсбук му се заблагодари на Инфантино за поддршката на косовскиот спорт и нагласи дека тој, заедно со покојниот легендарен косовски фудбалер Фадиљ Вокри, се најзаслужни за зачленувањето на Косово во ФИФА.

– Спортот ги обединува луѓето и државите, но и ги елиминира разликите! Денеска имав задоволство да го пречекам претседателот на ФИФА, Џани Инфантино … На почетокот на мандатот на Инфантино, Косово стана 210-та членка на ФИФА со извонреден придонес од негова страна и со неуморната работа иконата на косовскиот фудбал, Фадиљ Вокри, напиша Османи.

Инфантино, кој денеска за прв пат престојува во Косово, на Османи и Курти им подари официјални фудбалски топки и дресови на ФИФА со нивните имиња.

Претходно челникот на ФИФА положи цвеќе на споменикот на Вокри, кој е подигнат на стадионот кој го носи неговото име во Приштина.

Косово стана членка на ФИФА во мај 2016 година, а две години подоцна, на 57-годишна возраст, почина Вокри, кој беше претседател на косовската фудбалска организација од осамаостојувањето на државата во 2008 година. (МИА)