Хрватскиот фудбалски шампион Динамо Загреб го приреди најголемото изненадување низ досегашниот тек од натпреварите во Лигата на Европа, елиминирајќи го лондонски Тотенхем во осминафиналето и покрај негативата од 0-2 од првиот меч во Англија.
Македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски ќе играат во четвртфиналето во оваа натпреварување откако на реванш-дуелот во Загреб славеа со 3-0 по продолженијата.
Херој на мечот е Оршиќ со постигнат хет-трик од кој третиот погодок во 106. минута од продолжението за огромно славје на „модрите“.
Во регуларниот дел, Динамо дојде до предност од 2-0, анулирајќи ги истите два гола на тимот на Жозе Мурињо од Лондон. Оршиќ постигна два феноменални погодоци во 62. и во 83. минута.
Адеми настапи до 118. минута со капитенската лента во составот на Динамо, додека Стефан Ристовски беше заменет во 90. минута од регуларниот дел на натпреварот.