Сер Алекс Фергусон е највлијателната фигура во англискиот фудбал, категоричен е менаџерот на Манчестер Јунајтед – Оле Гунар Солскјер.
Гери Линекер предизвика дебата за ова прашање откако изјави на социјалните мрежи дека Пеп Гвардиола имал најпозитивно влијание врз играта на Островот.
Вечерва Сити гостува на Јунајтед во првото полуфинале од Лига купот и мечот се очекува со голем интерес.
– Морам да признаам дека Пеп навистина има многу влијание и откако беше на чело на Барселона, јас се восхитувам на неговите тимови. Сепак, вистината е дека работев со највлијателната личност – Сер Алекс Фергусон. Може да видите од каде Гвардиола ја презел мудроста, за да стане еден од најдобрите менаџери, затоа што пред многу години имав шанса да се сретнам и со Јохан Кројф, кога Жорди беше тука, рече Норвежанецот.
Тој се надева на нова победа во дербито.
– Ги победивме пред околу еден месец, така што знаеме дека можеме да ги победиме. Тогаш одигравме навистина добро и направивме серија на добри напади, од кои можевме да постигнеме најмалку 3-4 гола. Мора да се справите со нивниот пресинг, затоа што тие се многу опасни во тоа брзо да си ја вратат топката. Ако го надминете нивниот прв пресинг, тогаш имате навистина добри шанси, додаде Солскјер.