Капитенот на Барселона, Серхио Бускетс, официјално ја објави својата одлука да го напушти клубот по крајот на сезоната. Актуелниот договор на 34-годишниот играч од средниот ред истекува ова лето и Чави Хернандез сакаше да го задржи во клубот, но на крајот играчот одлучи дека е време да го заврши престојот на „Камп Ноу“.
Веќе вчера шпанските медиуми открија дека Бускетс ја донел оваа одлука, а денеска ја објави во јавноста преку проштално видео објавено на социјалните мрежи. Така по 18 години во клубот, во кои освои апсолутно сѐ што е можно, Бускетс си заминува.
„Дојде време да објавам дека ова ќе биде мојата последна сезона во клубот. Уште од мал, додека гледав натпревари на телевизија, сонував да играм во овој дрес на овој стадион. Реалноста надмина сѐ што сонував. Кој можеше да каже кога пристигнав како млад дека можам да играм 15 сезони во првиот тим на најдобриот клуб во светот – клубот на мојот живот и клубот на кој сум бил и ќе продолжам да бидам навивач. Дека ќе бидам капитен и ќе успеам да одиграм над 700 натпревари за него? Беше чест, сон и гордост да се брани овој амблем толку многу години“, изјави меѓудругото Серхио Бускетс.