Германскиот фудбалски прволигаш Шалке 04 соопшти денеска дека му врачил отказ на тренерот Франк Крамер, ден откако клубот од Гелзенкирхен беше елиминиран (1-5) во националниот куп од Хофенхајм.
Шалке во моментов е на 17. место во Бундеслигата со шест бодови од девет натпревари и серија од четири последователни порази.
Крамер седна на клупата на Шалке во јуни, откако еден од најпопуларните германски клубови се врати во Бундеслигата под водство на привремениот тренер Михаел Бускенс.
-По влегувањето од втората во првата лига, нашата цел за оваа сезона е да останеме во првата лига. До неодамна бевме уверени дека можеме да ги свртиме работите во наша полза со актуелното водство, но сега мислиме дека дојдовме до точка од која мора да направиме промени. Во претстојните пет натпревари до првенствената пауза поради Светското првенство мораме да освоиме бодови кои ќе нè однесат на што повисока позиција пред многу важниот втор дел од сезоната за нашиот клуб, изјави спортскиот директор на Шалке, Рувен Шредер.