Шкотскиот весник „Национал“ предложи селекторот на италијанската репрезентација Роберто Манчини да биде прогласен за почесен граѓанин на земјата откако тимот ја совлада Англија во финалето на ЕВРО 2020 (1:1, на пенали – 3:2).
– Направете го Роберто Брус почесен граѓанин на Шкотска, стои во повикот на весникот.
Роберт I Брус бил крал на Шкотска, организатор на одбраната на земјата во почетниот период на Војната за независност против Англија.
-Ги повикуваме читателите на „Национал“ да придонесат за наградата на Манчини за услугите на Шкотска, се вели во објавата на весникот на Твитер.
На 10 јули, ова издание го претстави Манчини како херој на „Храброто срце“ алудирајќи на истоимениот филм во кој се раскажува за борбата на Шкотска за независност против доминацијата на Англија.
Страницата на весникот беше придружена со текстот: „Спаси не, Роберто, ти си нашата последна надеж. Не можеме да ги издржиме да зборуваат за тоа уште 55 години“.
Во неделата Италија по втор пат стана европски шампион, додека Англичаните кои се подготвуваа за големо славје на „Вембли“ во Лондон, не успеаја за прв пат да го освојат трофејот на едно Европско првенство.