Шведска одигра многу силен меч и го победи Мексико со 3:0. Скандинавците ги постигнаа сите три гола во второто полувреме. Дефанзивецот Аугустинсон го отвори резултатот малку по паузата, капитенот Гранквист зголеми на 2:0 од пенал во 62-та минута, а резултатот беше оформен по автогол на Алварез.
Тимот на Јане Андерсон покажа исклучителен карактер, откако го надмина болниот пораз од Германија со гол во последната минута и од тешка ситуација на крајот се најде на првото место во групата „Ф“.
Мексико, пак, беше на влакно од елиминација и треба да им се заблагодари на слабата Германија, која не само што не успеа да постигне гол против Јужна Кореја, туку и загуби. Така Мексиканците завршија втори и се квалификуваа за осминафиналето.
Тоа беше десетти дуел меѓу двата тима и втор на Светските првенства. При претходниот судир на оваа сцена, Швеѓаните победија исто со 3:0 во групната фаза на првенството во 1958 година, на кое беа домаќини.