Поранешниот голман на Македонија ЃП, Горан Симов после 15 години се враќа во Ѓорче Петров и тоа сега како тренер, наследувајќи го Муарем Бајрами, кој пред три дена спогодбено се раздели со „лавовите“.
Симов беше голман на Македонија ЃП три години во периодот од 2005 до 2008 година кога дојде од Обилиќ, а беше дел од првиот куп што „лавовите“ го освоија во 2006 година. Сега доаѓа на клупата на Македонија ЃП, која е негов трет клуб во тренерската кариера.
По завршувањето на фудбалската кариера во која беше член уште на Силекс, Вардар и албански Билис, Симов кариерата како тренер ја започна во Силекс со кој освои Куп во 2021 година, а потоа седна на кормилото на Вардар во Втората лига, но не издржа ни цела сезона, откако црвено-црните сериозно заостанаа во минатата сезона во битката за враќање во Првата лига.
Симов ја презема Македонија ЃП на седмото место со 26 бода, но и со место во полуфиналето во Купот и во битка ѓорчепетровци да го одбранат трофејот кој лани го освоија со Бајрами.