Селекторот на бразилската репрезентација, Аденор Леонардо Баки, попознат како Тите е во центарот на скандалот поврзан со Светското првенство кое за две недели ќе започне во Катар. Тите им наредил на фудбалерите на кои смета за Мундијалот во Катар, да лажираат повреди во своите клубови, за да може да бидат свежи и одморни за настап на планетарниот собир.
Бразилскиот весник Глобо ја пренесе веста, а се верува дека изворот на оваа информација е од познатиот напаѓач Габриел Барбоса-Габигол, кој доби „корпа“ од селекторот Тите и нема да биде во составот на Кариоките.
„Тите побара од играчите да глумат повреди, за да не играат во своите клубови во наредниот период“, стои во текстот на Глобо, а во продолжение пишува „Габигол го прашал Тите каква повреда треба да одглуми. Овој пота му одговорил дека нема потреба ништо да глуми затоа што него не планира да го носи на Светското првенство“, пишува во текстот.
Бразил е петкратен светски првак и во Катар сигурно ќе биде еден од најсериозните кандидати за мундијалскиот пехар.