Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс не беше импресиониран од начинот на кој Жозе Мурињо ги испровоцира фановите на Јувентус, по победата од 2:1 во групите на Лигата на шампионите.
Во средата вечер „црвените ѓаволи“ направија незаборавен пресврт од 0:1 до 2:1 во последните пет минути на дуелот против „бјанконерите“ на „Алијанц“ стадионот. По последниот судиски сигнал, португалскиот стручњак, кој е поранешен тренер на Интер (еден од најголемите непријатели на Јуве во италијанскиот шампионат), не пропушти да ги испровоцира фановите на трибините, ставајќи ја едната рака до десното уво.
Сепак, според Скоулс, тој мора да победува со класа, која Мурињо вчера не ја покажал.
– Треба да победуваш со малку класа. Не мислам дека беше потребно да се прави она што тој го направи. Ја стискаш раката на противничкиот тренер, аплаудираш на своите фанови и си одиш. Не беше потребно, но тоа си е Жозе, рече Англичанецот пред „БТ Спорт“.
По овој успех, Манчестер Јунајтед остана на второто место во групата Х од Лигата на шампионите. Тимот има седум бодови, два помалку од лидерот Јувентус.