Според многумина, најдобриот фудбалер на сите времиња, Бразилецот Пеле (82) повторно е во критична состојба. Од болницата „Алберт Ајнштајн“, каде е под посебна нега повеќе од 20 дена, беше соопштено дека има сериозна прогресија на ракот на дебелото црево, чие лекување е комплицирано со дисфункција на единствениот преостанат бубрег и срцето.
Една од ќерките на Пеле веќе најави дека нејзиниот татко сигурно ќе остане во болница за време на божиќните празници, а бразилските медиуми шпекулираат дека многу роднини кои живеат ширум светот почнале да се собираат во својата татковина бидејќи сакаат да се простат од кралот на фудбалот. Од вчера, според некои извори, тој повеќе не може да зборува.
Сите околу Пеле се свесни за многу деликатната ситуација, а се вели дека почнале и шпекулациите за тоа како треба да изгледа националното збогување во Бразил.
Планот е прво да се одржи интимно бдение за блискиот семеен круг, по што стадионот Сантос ќе биде отворен за јавноста.
Да потсетиме, Пеле пред две години беше опериран од рак на дебелото црево, оттогаш неговите здравствени проблеми се зголемуваат.