Легендарниот капитен на Динамо Загреб и македонски репрезентативец, Аријан Адеми, в недела ќе го одигра последниот меч за својот клуб и ќе замине во Кина, каде ќе настапува за клубот Пекинг Гван.
Адеми долго време се поврзуваше со трансфер, тоа конечно се реализира, па навивачите на Динамо, популарните „Бед Блу Бојс“ подготвуваат соодветно испраќање на нивниот долгогодишен капитен. Со објава на нивниот официјален канал, тие ги повикуваат сите на дербито во недела против Ријека за да му оддадат почит на Аријан Адеми.
„Би сакале сите да ја исполниме нашата трибина до последно место и да му ја дадеме на нашиот капитен почитта што ја заслужува. Тој секогаш беше пример за сите и е предводник на една незаборавна генерација на нашиот клуб. Трагата што ја остава во Динамо е неизбришлива и затоа сите мораме да го испратиме на соодветен начин“, стои во повикот на “Бед блу бојс“. Северната трибина подготвува изненадување и голем спектакл во чест на нашиот бескомпромисен борец, а тоа дополнително ќе го опплемени збогувањето со легендарниот Аријан Адеми“, завршија навивачите на Динамо Загреб.
31-годишниот македонски репрезентативец стигна во Динамо од Шибеник пред 12 години. Оттогаш наваму, за „модрите“ настапи на вкупно 358 мечеви и постигна над 30 голови во сите конкуренции и пријателски мечеви. Одличниот дефанзивец од средниот ред ќе го одигра последниот, 359. меч за својот дологогодишен тим со кој освои многу титули во хрватското првенство, а со него во тимот, Динамо одигра и неколку одлични сезони во Лигата на шампионите и Лига Европа.