четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Спорни пенали на СП 2018- Субашиќ, Акинфеев и Шмајхел не бранеа фер додека судиите им прогледаа низ прсти

Спорни пенали на СП 2018- Субашиќ, Акинфеев и Шмајхел не бранеа фер додека судиите им прогледаа низ прсти

Во неделата, на натпреварите во рамките на Светското првенство во Русија, помеѓу селекциите на Русија и Шпанија, односно Данска и Хрватска, изведени се вкупно 19 удари од белата точка. Меѓутоа, според правилата од тие 19 пенали, дури 15 требаше да бидат повторени.

Даниел Субашиќ, Каспер Шмајхел и Игор Акинфеев не беа правилно поставени при бранењето на пеналите, а единствено голманот на Шпанците Давид Де Геа ги почитуваше правилата при сите удари кон неговиот гол, освен при еден.

Фудбалските правила се јасни – голманот мора да остане на линијата се додека изведувачот не упати удар со топката, меѓутоа споменатите голмани излегуваа од гол линијата многу порано пред изведувачот на пеналот да дојде во контакт со топката.

Раното излегување од гол линијата им помага на голманите, бидејќи се намалува просторот за шут и се намалува аголот, за полесно да може да се одбрани ударот. Субашиќ излегуваше порано при сите три одбранети пенали во осмина финалето против Данска.

Требаше да се повтори и пеналот кој Лука Модриќ го промаши во продолженијата, бидејќи и Шмајхел во таа прилика порано излезе од линијата. Додека вториот обид на Модриќ, оној од пенал серијата, всушност е единствениот во кој немаше кршење на ова правило на натпреварот помеѓу Данска и Хрватска.

Слична ситуација гледавме и на натпреварот помеѓу Шпанија и Русија, каде Акинфеев речиси при сите пенал удари кон неговиот гол, порано излегуваше од гол линијата.

И покрај видео технологијата, ниту еден пенал не беше повторен.