четврток, 18. април 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Стоичков распали за заминувањето на Меси: Ни сервираа една голема лага!

Стоичков распали за заминувањето на Меси: Ни сервираа една голема лага!

Лионел Меси вчера стапна на „Паркот на принцовите“ носејќи го дресот на ПСЖ и тоа предизвика болка и тага кај огромен дел од фановите на Барселона, но истото важи и за легендарните играчи на овој клуб од Каталонија.

Чави Ернандез и Андрес Иниеста едногласно порачаа дека било болно за нив да го видат Лео во дресот на францускиот великан, но сепак не навлегуваа во детали и не дадоа посебен коментар за политиката на Барселона. За разлика од нив, легендарниот Христо Стоичков се дрзна да удри по раководните структури предводени од претседателот Жоан Лапорта, од едноставна причина што токму тој цели пет месеци наназад уверуваше дека капитенот ќе остане во тимот и ќе биде лидер на проектот.

Прославениот Бугарин е познат по своите изјави во кои не штеди никого, па во обид да објасни колку го боли тоа што Меси ќе игра за друг клуб, не пропушти да ја префрли вината кај водечките луѓе.

– Гледав луѓе кои многу ветуваа, кои се фаќаа за срцето, уверуваа дека ќе остане во клубот, но на крајот ни сервираа една голема лага на сите нас!, – потенцира Стоичков за „ТУДН“.

– Мене сето ова ми е многу чудно, тешко ми е да го прифатам овој епилог. Но, за жал, таков е животот. Секогаш ќе го почитувам Лео, за се што направи за Барселона, за моите деца, за моите најблиски. Имав среќа да го запознаам, да го имам крај себе и затоа ми е тешко. Го запознав кога имаше само 12 или 13 години, одев да го гледам како тренира. Од денот кога дојде до денеска, не се промени, остана понизен, мирен и секогаш почитуван.

– Јас сакам да зборувам и за неговата хумана страна, сите знаеме каков е како спортист. Сите работи ги правеше со срце, кога подаруваше дресови за моите синови, кога ми се роди внука, исто така подари дрес. Имам многу работи од него во мојот дом, имам мал музеј од него. Да го видам со друг дрес, таа слика ме повреди и навистина ми падна многу чудно, – потенцира Стоичков.