Користејќи разни параметри, суперкомпјутер пресмета кој би требало да се искачи на светскиот фудбалски трон на претстојното Светско првенство во Катар. Сепак, сите знаеме дека фудбалот сепак не е игра на бројки…
Уште само три недели има до почетокот на првиот Мундијал во арапскиот свет, а тоа значи дека прогнозите за новиот шампион сѐ повеќе и повеќе ќе се засилуваат. Сите сакаат да погодат која репрезентација ќе го освои вредниот пехар на ФИФА, често се „консултираат“ и животни, но и технологијата – така што ако може да му се верува на еден суперкомпјутер – тогаш веќе знаеме кој на 18 декември ќе се радува во Катар.
Суперкомпјутерот вели дека светски шампион ќе биде Аргентина, што значи дека Лионел Меси конечно ќе го подигне најдрагоцениот пехар во фудбалскиот свет и единствен кој му недостасува за во очите на многумина да го надмине легендарниот Диего Марадона. Воочи Мундијалот, Меси игра во одлична форма за ПСЖ и токму поради тоа Аргентина според многумина е главен фаворит, особено ако се знае дека е предводена од Лионел Скалони кој минатата година конечно ја искачи на тронот на Јужна Америка.
Аргентина беше светски шампион во 1978 и 1986 година, а играше и во финалињата во 1930, 1990 и 2014 година. На последниот Мундијал, оној во Русија во 2018, Аргентинците се прикажаа во очајно издание.
Ако ѝ се верува на вештачката интелигенција која крајниот резултат го доби анализирајќи бројни податоци за сите репрезентации како квалитетот на играчите, нивната форма, распоредот на натпревари и позицијата на ранг-листата на ФИФА – што често не мора да биде пресудно – Аргентина ќе се радува на Мундијалот во Катар, го пренесува своето истражување агенцијата BCA Research.
Прогнозите велат дека Аргентина во финалето би требало да игра против Португалија. Замислете, тоа би била борба Лео Меси против Кристијано Роналдо за пехарот, финале од епски размери, вистински спектакл доколку навистина се случи.
Запомнете ја оваа прогноза, па ќе видиме колку е точна…