Алесио Такинарди мина повеќе од една декада во Јувентус и испиша фудбалска историја во Торино како играч кој ги освои сите најважни титули со „бјанконерите“, вклучувајќи го и трофејот во Лигата на шампионите освоен во 1996-та година.
Неуморниот играч за врска беше максимално ценет од сите свои соиграчи и ривали поради пожртвуваноста на теренот, а како легенда која остави силен печат во Јувентус, сега си даде за право да го осуди однесувањето на Кристијано Роналдо кој си замина од клубот пред самиот крај на летниот преоден рок.
Португалецот режираше сензационално враќање во Манчестер Јунајтед, но Такинарди е посебно повреден поради начинот на кој Роналдо си заминал од Торино, односно без прес-конференција и без џентлменско збогум до фановите на Јувентус.
– Роналдо мораше да си замине од Јувентус на поинаков начин, а не со свој приватен лет додека Алегри даваше прес-конференција и објаснуваше како му соопштил дека сака да си оди. Очекував прес-конференција и срдечно збогум до фановите на Јувентус. Тие заслужија нешто такво од него.
– Повеќе нема легенди како Дел Пјеро, Тоти, Малдини или Занети, Роналдо го стави Јувентус во незгодна ситуација. Го имаше цело лето, а си замина пред самиот крај на преодниот рок, невозможно е да се замени гол машина како него за тоа време, – потенцира Такинарди за „Тутоспорт“.