Поранешниот капитен на нашата најдобра фудбалска репрезентација, Томе Пачовски е нов член на стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски, а Битолчанецот ќе ја обавува улогата на тренер на голманите.
„За мене е голема чест што добивам можност да работам во националниот тим на Македонија. Со многу радост му се приклучувам на тимот предводен од селекторот Милевски. Верувам во оваа екипа и се надевам дека ќе помогнам. Имаме потенцијал, квалитетни фудбалери, селектор кој е студиозен, ништо не остава на случајност, работи според планирана програма и сака модерен фудбал“ рече Пачовски во изјавата за официјалниот сајт на ФФМ.
„Ги познавам фудбалерите во тимот, имаме квалитетни голмани и ќе се обидам да помогнам да бидат подобри и постојани во настапите. Заеднички ќе се трудиме да ја задржиме и надградиме позивната атмосфера во составот. Нѐ очекуваат големи предизвици во следниот периот, но секој вистински спортист се радува на тоа“ додаде тој.
Пачовски е поранешен голман на Пелистер, Брегалница Делчево, Работнички, како и Вардар во домашната фудбалска сцена, а интернационалната кариера ја градеше во дресот на грчки Јоникос, како и белгиските Бершот и Мехелен.