Македонската фудбалска репрезентација до 17 години денеска стартуваше со подготовките за квалификацискиот турнир идната недела во Република Ирска за пласман во елитната фаза за Европското првенство.
Македонските кадети квалификациите ги отвораат против Полска на 7 октомври, по што следува дуелот против домаќинот Ирска, а во завршното коло на 13 октомври противник на „црвено-жолтите“ ќе биде Андора.
– Претходните контролни турнири и пријателски натпревари ни помогнаа многу да ја подобриме нашата игра и да ја зголемиме самодовербата. Во Република Ирска не очекуваат тешки натпревари, играме против квалитетни репрезентации. Веруваме во нашите можности, можеме да се носиме со сите селекции во групата. Првиот дуел со Полска ќе биде клучен за нас, знаеме како да одиграме против нив, имаме извојувано победа на последната меѓусебна пресметка. Поседуваме квалитет и потенцијал, тоа сакаме да го докажеме на овие натпревари, изјави попладнево селекторот Тони Јакимовски.
Според информациите од македонскиот табор, напаѓачот Алекс Митров не добил дозвола за настап во квалификациите од матичниот клуб Јанг Бојс и на негово место е повикан Леин Таири од германски Шалке 04.
Јакимовски за претстојните три квалификациски дуели повика 21 фудбалер:
Голмани: Самоил Талевски (Академија Пандев), Давид Стојановиќ (Македонија Ѓ.П.), Диел Доку (Њу Старс);
Одбрана: Симеон Здравковски (Вардар), Даниел Марковски (Хелсенборг, Шведска), Андреј Аризанковски (Победа), Марко Стојилевски (Вардар), Анес Малиќи (Шкендија), Хадис Таири (Њу Старс), Матеј Јаневски (Работнички);
Среден ред: Амир Нухија (Шкендија), Мартин Ѓорѓијевски (Академија Пандев), Адриан Зенделовски (Малме, Шведска), Мухамед Елмас (Работнички), Кире Стојанов (Академија Пандев), Зона Назифи (Шкендија), Омерфарук Сулејман (Шкупи), Азис Јамини (Ренова), Стефан Тодоровски (Њу Старс);
Напад: Никола Манојлов (Работнички), Леин Таири (Шалке, Германија).