вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

ВИДЕО: Португалија во финишот ја „растури“ храбрата Унгарија!

ВИДЕО: Португалија во финишот ја „растури“ храбрата Унгарија!

Фудбалерите на Португалија успеаја да прокнижат први бодови во групата Ф на Европското првенство, откако победија на „Пушкаш Арена“ против Унгарија со 0-3 (0-0). Натпреварот пред преполните трибини, пред речиси 70.000 луѓе долго беше без голови, но по 84. минута гостите успеаја да постигнат дури три погодоци и се радуваа на триумф.

Извештај од натпреварот:

Унгарците одлично се бранеа, не дозволуваа ривалот лесно да дојде до голот на Гулашчи и формираа вистински бедем. Првата шанса пред паузата ја имаше Диого Жота, но биеше директно во голманот. Најголемата можност во првиот дел, несвојствено за себе ја испушти Кристијано Роналдо. Првата ѕвезда на Португалија доби топка на петерецот, а иако беше сам биеше високо над голот.

По паузата, Унгарија тргна за нијанса посмело, ама квалитетот јасно беше на противничката страна. Иако се отворија, домаќините пак играа претпазливо и добро се бранеа. Прв пат на натпреварот, мрежата се тресеше во 77. минута кога Шон успеа да го совлада Руи Патрисио, ама истиот не важеше поради офсајд.

Португалија конечно успеа да го скрши отпорот на Унгарците во 84. минута, Рафаел Гереро по една лошо одбиена топка погоди за 0-1, а само две минути подоцна Орбан направи пенал кој го реализираше Кристијано Роналдо. Иако веќе сè беше решено, Роналдо успеа да постигне и втор гол, во 92. минута доби топка низ одбраната од Рафа, се намести и лесно го матира Гулашчи за конечните 0-3.