Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за настапот на Европското првенство. Тренинзите е одвиваат непречено, а играчите во Скопје се во еден вид на изолација, пред сè поради заштита од коронавирусот.
Денес на брифингот со новинарите зборуваше дефанзивецот Висар Муслиу.
„Чувството е одлично, малку искуство имам од У21, ама ова е сосема поинаку. Мотивацијата и желбата не мора да зборувам на кое ниво се како тим. Може да се забележи и од тренинзите, со нетрпение го очекуваме првиот официјален меч на ЕП. На секој натпревар мора да има притисок. Така беше и со Германија и со Лихтенштајн. На секој меч одиме да победиме, а сега и на другите селекции мора да покажат повеќе почит кон нас. Имаме план и амбиции, остана да покажеме што сакаме на терен. Сè е добро освен што недостига Барди, па се надеваме ќе се приклучи што е можно побрзо. За атмосферата не мора да се зборува, резултатите најдобро кажуваат бидејќи ако хемијата е на ниво, ќе имаш и позитивни резултати“, изјави Муслиу.