четврток, 18. април 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Време е за фудбалски земјотрес: Мбапе во Реал, Роналдо во ПСЖ!

Време е за фудбалски земјотрес: Мбапе во Реал, Роналдо во ПСЖ!

Лионел Меси го шокираше фудбалскиот свет со заминувањето од Барселона во Пари Сен Жермен, а сега е време за нов земјотрес. Се подготвуваат два спектакуларни трансфери во завршницата на летниот преоден рок. Килијан Мбапе треба да го напушти Париз и да замине во Реал Мадрид, а на негово место во ПСЖ да пристигне Кристијано Роналдо.

Мбапе подолго време е во преговори со раководството на ПСЖ да му дозволи трансфер на „Сантијаго Бернабеу“ и се чини дека како што се ближи крајот на трансферниот прозорец челниците на парискиот клуб сфаќаат дека продажбата е единственото реално решение за ситуацијата со напаѓачот. Тој не сака да потпише нов договор, а следното лето би заминал како слободен агент. Затоа, ПСЖ најверојатно ќе се сложи да го продаде за сума од околу 150 милиони евра.

Ова ќе отвори место за Кристијано Роналдо да дојде во Париз. Би било неверојатно да се види тандемот Меси – Роналдо во дресот на ПСЖ. Претседателот Насер Ал Келаифи има фантастична шанса да го оствари она што пред неколку месеци беше незамисливо, да ги спои во ист тим двајцата најдобри фудбалери на планетата во изминатите две децении.

Португалецот сака да си замине од Јувентус, неговиот агент Жорге Мендеш работи на тоа, а ПСЖ е дефинитивно најдобрата опција. Јувентус бара отштета од само 25 милиони евра, но јасно е дека всушност годишната плата на Роналдо ќе биде вистинскиот трошок за Пари Сен Жермен. Но, за комбинација Меси – Роналдо во нападот, вреди да се дадат многу пари.

Дополнително, ПСЖ ја разгледува опцијата да го купи и Бразилецот Ришарлисон од Евертон.