Јувентус и Лацио битката за трофејот во фудбалскиот Суперкуп на Италија ќе ја водат на 22 декември во Ријад, Саудиска Арабија, со почеток во 17.45 часот по средноевропско време.
Освен одлука за терминот, донесена е одлука и влезот за жени на стадионот на Универзитетот „Кинг Сауд“, да биде слободен. До лани, на жените им беше забрането да влезат на стадион, а сега нема да има ограничување ниту околу тоа каде смеат да седат. Нема да има посебен сектор само за жени.
Лани, суперкупот помеѓу Јуве и Милан се играше во Џеда, а сега во главниот град Ријад, на стадион кој има 25.000 седишта. За неколку дена на истиот стадион ќе се игра и пријателски меч помеѓу репрезентациите на Бразил и Аргентина.